Скопје, 16.07.2018 година

Јовановска: Преку персоналните асистенти за инвалидни лица вклучуваме невработени лица на пазарот на трудот и помагаме на лицата со попреченост

Во присуство на директорката на Агенцијата за вработување на РМ Билјана Јовановска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претставници на Црвениот крст, во просториите на Владата на РМ, денеска беа доделени 92 сертификати за персонални асистенти за инвалидни лица.

Обуката за персонални асистенти за идвалидни лица за прв пат оваа година се спроведува во земјава и е дел од мерката Обука за побарувани занимања и занаети во состав на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.

-Им честитаме на лицата кои успешно ја завршија обуката за персонални асистенти за инвалидни лица и веруваме дека со оваа обука освен што ќе ја зголемиме интеграцијата на невработените лица на пазарот на трудот, воедно  ќе овозможиме и многу поквалитетен живот на лицата со попреченост- изјави директорката на АВРМ, Билјана Јовановска за време на доделувањето на сертификатите за персонални асистенти за инвалидни лица.

Јавниот повик за изразување на интерес за учество во оваа обука беше објавен во март месец, а интересот за учество на невработените лица беше голем и на огласот се пријавија 254 невработени лица за предвидените 100 места.

Предност во селекцијата  за учество во обуката за персонални асистенти за инвалидни лица имаа оние лица кои имаат искуство во работа со лица со попреченост и лица кои имаа завршено образование од здравствени, хуманистички и општествени науки. Обуката за персонални асистенти траеше два месеци и се спроведуваше од страна на обучувачи од Црвениот Крст во 7 градови, односно во Скопје, Куманово, Битола, Гостивар, Струга, Струмица, Неготино.

Во моментов има објавено нов јавен оглас за Обука за персонални асистенти за инвалидни лица  кој трае до 23 јули.




Агенцијата за вработување на РМ, претставувана од директорот Билјана Јовановска, учествуваше на 9-тиот состанок на Одборот на генерални директори на јавните служби за вработување од државите од ЕУ, каде за првпат беше поканета да учествува и Агенцијата за вработување на Република Македонија. 
Настанот се одржа во периодот 7-8 јуни 2018 во Софија, Република Бугарија, во рамките на бугарското претседателство со ЕУ


Во периодот од 18-20 Јуни 2018 година, Директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска, учествуваше на работни средби на тема "Вработување и развој на пазарот на труд во државите на Западен Балкан“.
Организатор на настаните беше Советот за регионална соработка (RCC) преку ESAP проектот.